„Хориха доби македонски пасош само за да настапува во репрезентацијата, ако не се исполни тој услов пасошот ќе му биде одземен…!“

Министерот за спорт, Борко Ристовски гостуваше во новогодишното издание на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК, притоа осврнувајќи се и на темата околу натурализацијата на странци кои би го подигнале квалитетот на македонските национални репрезентации.

Најактуелен изминатиов период беше ракометарот на двократниот европски шампион РК Вардар, Дмитро Хориха кој доби македонски пасош, што значи дека сега ќе настапува како домашен ракометар во црвено-црните редови.

Министерот Ристовски објаснува дека Министерството дало позитивно мислење за натурализација на Хориха но само доколку настапува за македонската репрезентација во очекување и на дозволата од ИХФ. Доколку не се исполни тоа пасошот може и да биде одземен.

„Јас генерално сум за натурализирање, меѓутоа со една напомена многу важна, тоа е да бидат навистина квалитетни странци кои навистина ќе направат разлика и ќе помогнат на македонската репрезентација да направи поголем успех, а со самото тоа и да ја промовираaт државата на уште повисоко ниво“ – вели Ристовски во „ПРЕСИНГ“ и дополнува:

„Ние за добивање на пасош на Хориха како Министерство дадовме и позитивно мислење, тоа за да може да го добие својот пасош. Така да, мислам дека Хориха ќе биде една навистина додадена вредност за оваа репрезентација, затоа што оние што следат ракомет знаат дека Хориха е во моментов најдобриот ракометар во македонското првенство и ќе биде една голема помош за репрезентацијата. Ќе биде еден голем плус за Македонија како држава“.

Но, сега се најавува можна преселба на Хориха во германската Бундеслига. Дали е можно во една таква ситуација и да се откаже од настап за македонската репрезентација? Што во еден таков случај?

„Не сум запознаен со неговиот договор и со неговата иднина во Вардар. Не можам да кажам што би било. Меѓутоа мислам дека ќе треба да се седне да се разговара со него и еден од условите за добивање на пасош е да настапува за македонската репрезентација. Нормално дека доколку не го исполни тој услов, има членови по кој пасошот може да се одземе. И јас сум првиот кој што не би дозволил да македонскиот пасош се расфрла и се подарува на луѓе кои што не планираат да дадат и да вратат за државата која што им излегла во пресрет и му дала пасош да биде државјанин на Република Македонија“ – вели Борко Ристовски.

ГЛЕДАЈТЕ ГО ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ ТУКА…

Се вчитува...