Доминацијата на Макс Ферстапен во Формула 1 шампионатот продолжи и во 2024 година. На Големата награда на Лас Вегас, холандскиот возач од редовите на Ред Бул стигна до четвртата шампионска титула во низа.
Овој подвиг на младиот возач наиде на пофалба кај неговиот тимски шеф, Кристијан Хорнер.
„Имавме тешка сезона исполнета со подеми и падови и Макс беше неверојатен. Започнавме фантастично, имавме и тешко лето, но тој продолжи со одличното возење кое донесе резултат. Славеше на осум трки, двојно повеќе од било кој друг возач. Неверојатно.
Мислам дека ова беше неговиот најдобар и најтешок шампионат. Покажа зрелост, постигна резултат и на деновите кога болидот не беше најдобар затоа и нема друг кој ја засужи титулата повеќе од него“, вели Хорнер.
Ова не е прв пат Ред Бул да освои четири титули во низа. Во тоа прво успеа Себастијан Фетел, легендарниот Германец па според Хорнер и местото на Ферстапен е меѓу најдобрите на сите времиња.
„Кога прв пат освоивме четири титули во низа со Себастијан мислев дека никогаш нема повеќе тоа да се повтори. Потоа се случи огромната победа во 2021 година. Сега кога стоиме повторно на подиумот, четврти пат во низа можам да кажам дека заслужи да биде дел од елитна група на возачи, меѓу најдобрите на сите времиња“, додаде Хорнер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА