Храбарите „металурзи“ поразени, но достојни против Спортинг во Лисабон

Ракометарите на Металург загубија од Спортинг со 34-26 на гостувањето во Лисабон, во првиот натпревар во Ц групата од Лигата на шампионите. Но, младите „металурзи“ заслужуваат честитки за борбеноста и за храброста со која влегоа во дуелот и во поголем дел од натпреварот држеа чекор со многу поискусниот противник. Спортинг дури во последната четвртина успеаја да го скршат отпорот на Металург и да стигнат до очекуваната победа на стартот од Лигата на шампионите.

Младите „металурзи“ храбро влегоа во дуелот со многу поискусниот противник. Мартин Томовски го сопре првиот напад на домаќините, а Металург отвори со почетно водство од 2-0. Македонскиот вицешампион беше во водство и по првите десет минути  откако Милан Лазаревски со два гола по ред донесе предност од 4-6. Во првата четвртина одлично функционираше нападот на Металург и рационално ги реализираше сите шанси.

Спортинг го потцени младиот состав на Металург кој влезе со голема желба и борбеност во овој прв дуел од новата сезона во Лигата на шампионите, а избраниците на тренерот Данило Брестовац додека имаа сили се бореа и заслужено беа во позитива со 7-9 на десет минути пред крај на првиот дел. Голема заслуга во сето тоа имаше Мартин Томовски кој блескаше на голот на Металург со девет одбрани во првите дваесетина минути.

Металург имаше три напади за +3, но не успеа да реализира, а домаќините се вратија во живот и изедначија на 9-9, а потоа и поведоа со 11-10 реализирајќи серија од 4-1. Но, Мартин Томовски на голот и Марио Танкоски во нападот го држеа Металург во егал.

Во заршните три минути од првото полувреме, Брестовац нападна со седум на шест и Металург поведе со 11-12, а потоа и со 12-13 ефектно реализирајќи два напади со играч повеќе во нападот. Спортинг изедначи со погодокот на Никчевиќ од седмерец, Јагањац не реализираше во последниот напад на Металург и првиот дел заврши нерешно 13-13.

Домаќините го засилија темпотоа на стартот од второто полувреме, направија серија од 4-0 и за прв пат на мечот поведоа со +4 (17-13). Брестовац ја прекина серијата на домаќините со тајм-аут по кој Лазаревски го постигна првиот гол за Металург во вториот дел за 17-14.

Во наредните минути се играше гол за гол, но Спортинг се стабилизира на 3-4 гола позитива. Португалскиот шампион тука го скрши отпорот на младиот состав на Металург кој во последната четвртина го плати данокот на неискуството и на сите пехови со повредите кои го преполовија тимот пред почетокот на сезоната.

Марио Танковски со шест и Мартин Серафимов со пет гола беа најефикасни во составот на Металург, а Мартин Томовски заврши со десет одбрани сите запишани во првото полувреме. Спортинг во победата го предводa Карлос Руезга и Фабио Роча со по шест погодоци.

Во првиот натпревар на домашен терен, Металург на 23 септември го пречекува Бешикташ, во вториот натпревар во групата Ц.

Се вчитува...