Младинската репрезентација на Македонија за кошаркари до 20 години го претрпе и четвртиот пораз во низа откако во денешното осминафинале загуби од Словенија со резултат 82-71. За разлика од претходните дуели на кои бевме демолирани од страна на противниците, овојпат Македонија одигра квалитетен меч во кој на долги периоди целосно парираше, но сепак избраниците на Боро Смилковски немаа сили за сензација против ривалот кој се уште не знае за пораз на овој шампионат.
Мечот стартуваше во знакот на словенечките младинци, експресно стигнаа до двоцифрена предност, па дури и до „плус 17“ (23-6). Словенија имаше и 26-10, но промената во зонска одбрана на нашиот стручен штаб вроди со плод, па со забивањето на Иванов ја завршивме четвртината со 11 поени негатива (27-16). Македонија целосно парираше во вториот период во кој бевме и подобар ривал од фаворитот, успеавме да намалиме на само четири поени негатива (35-31), за на одмор да се замине со само шест поени предност за Словенија (39-33).
Добриот шут од далечина на почетокот од третиот период донесе и резултатски пресврт, откако со тројките на Симиќ имавме 43-44 и 46-47, но тоа беа и последните моменти на неизвесност во ова осминафинале. Словенците притиснаа во финишот од третата четвртина, успевајќи да се одлепат целосно и во последните десет минути да влезат со двоцифрена позитива (62-51). Македонските кошаркари дадоа се од себе, но не успеаја да се вратат, губејќи го овој натпревар со конечните 82-71.
Ненад Јовановиќ беше најдобар поединец во нашиот табор со 19 поени, 5 асистенции, но и шест загубени топки. Андреј Шошкиќ реализираше 15, а Симиќ 14 поени за Македонија на денешниот натпревар.
Нашите кошаркари до крајот на шампионатот ги очекува битка од 9. до 16.место, во обид да изборат опстанок во елитното друштво од оваа возрасна категорија за наредната 2025 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА