Македонската машка младинска ракометна репрезентација настапот во групната фаза на Европското првенство го завршува без пораз откако денеска забележа ново реми, овој пат против Австрија до 20-20, резултат кој за жал не ги пласираше „црвено-жолтите“ во четвртфиналето од разигрувањето за титула.
Како потсетување, по триумфот над Црна Гора и ремито со Хрватска на македонските ракометари им беше потребна победа до која не дојде и покрај борбената и пожртвувана игра против силниот противник.
Стартот на натпреварот го одбележа подобра игра на Австриците кои ги користеа грешките во македонскиот табор за предност од 4-1, но избраниците на Раде Стојановиќ брзо ги консолидираа редовите и со мини серии да стигнат до изедначување. Австрија со серија до 3-0 стекна нова предност, но до крајот на полувремето Македонија одново се врати во игра за минимална негатива од 11-10.
Разиграната Македонија го наметна своето темпо на отварањето на второто полувреме па поведе со 14-17, но како и во првото полувреме, овој пат Австриците беа оние кои не дозволија резултатска неизвесност. Австрија изедначи на 17-17, во еден момент и поведе, но до крајот на натпреварот следеше игра „гол за гол“.
Мелешинг пред самиот крај на средбата донесе предност за својата репрезентација од 20-19, а Шулески изедначи на 20-20. Галевски го одбрани следниот напад на Австриците па на четириесетина секунди до крајот Македонија тргна во напад за победнички гол, но тајм-аутот на Стојановиќ не вроди плод за пирово реми по кое Македонија ќе разигрува за пласман од 9. до 16. место.
Најдобри стрелци во македонскиот состав беа Узунчев со осум и Шулески со пет гола, а на голот блескаше Галевски со 15 интервенции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА