Ракометниот шампион на Македонија, Е. Пелистер одигра одличен натпревар на гостувањето кај францускиот гигант Пари Сен Жермен, но и тоа не беше доволно за поволен резултат, бидејќи домаќините на крајот успеаја да слават со 31-29 во првиот меч во новата сезона во Лигата на шампионите.
Откако во првиот напад домаќинот не успеа да реализира, првиот гол за македонскиот шампион во новата сезона во елитното натпреварување го постигна словенечкиот интернационалец Домен Тајник (0-1). Битолчани одлично се држеа на стартот против големиот фаворит, па по десет минути игра натпреварот беше во егал (4-4). Домаќините до првото водство во мечот стигнаа во 11. минута со голот на Пранди (5-4).
Домаќините заиграа подобро во следниот период па во 20. минута стигнаа до највисоките до тој период плус четири (11-7). Пелистерци се уште не се откажуваа, па на истекот на 24. минута со голот на Жарко Пешевски стигнаа на само минус два 14-12. Следеше серија на „светците“ од (4-0) по која во 28. минута стигнаа до највисоките плус пет во првото полувреме (17-12), а со предност од пет голови се замина и на полувреме (18-13).
ПСЖ почна фуриозно во вториот дел и веќе во 33. минута стигна и до плус шест (20-14). Македонскиот шампион заигра далеку подобро во продолжение, па во последните десет минути влезе со негатива од само четири гола 26-22. Битолчани пружија голем отпор на големиот фаворит кој дефинитивно на крајот можеше и да се загрижи за својата победа бидејќи на пет минути до крајот избраниците на Бранко Ангеловски успеаја да дојдат на само минус два (28-26).
Сепак, до крајот домаќините успеаја да го исконтролираат резултатот и да стигнат до конечен триумф од 31-29. Филип Кузмановски со осум гола беше најдобар поединец во таборот на нашиот шампион, додека кај победникот неверојатна вечер имаше пикерот Камил Сипжак кој мечот го заврши со 11 гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА