Женската ракометна репрезентација на Македонија загуби од Словенија со 30-33 во првиот натпревар од баражот за пласман на Светското првенство Јапонија.
Избраничките на Симе Симовски одлично го одиграа првото полувреме, иако цело време гостинките имаа предност која во неколку наврати изнесуваше и три гола разлика, сепак со пожртвувана игра на полувреме Словенките заминаа со минимална предност од (14-15).
„Црвено-жолтите“ дами, лошо го отворија второто полувреме. Правеа многу грешки во нападот, кои ги искористија гостинките и во 39. минута стигнаа до највисоките плус пет (18-23). Следуваше тајм-аут од селекторот Симовски, по кој ракометарките се освестија и со одлична игра и серија од 5-1 успеаја во 45. минута да стигнат до минус еден (23-24). Уште на неколку наврати ракометарките успеаја да намалат на еден разлика, но тоа беше најблиску што му се доближија на противникот. Иксуството на Словенките пресуди во финишот за конечна победа од 30-33.
Најефикасни во македонскиот табор беа Елена Ѓоргиевска со 9 гола, Сара Ристовска постигна 8 гола, а Саздовска 5. Кај Словенките најефикасни беа Грос и Станко со по шест гола.
Реваншот е на 6 јуни во Целје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА