Актуелниот шампион Вардар очигледно ќе остане без шампионската титула по завршувањето на оваа сезона, со оглед дека Шкендија има огромни 14 бода предност на првенствената табела, а денеска во Тетово ќе игра пресуден натпревар и во Купот на Македонија. Вардарци со резултат 1-1, а најверојатно и повторно со младински тим ќе отпатуваат на реванш мечот од четвртфиналето на најмасовното натпреварување и ќе и излезат на мегдан на Шкендија.
Раководството донесе „луда одлука“ да игра со младинци на првенствениот меч против Силекс, формулирајќи го тоа како одреден бојкот против структурите на ФФМ и одлуката Шкендија да не биде казнета за „слулајот Фазлагиќ“ на првенствениот натпревар против Академија Пандев. Но, ако Вардар и може да си прави екскурзија во шампионатот, со оглед дека има веќе голема негатива во однос на лидерот, денека патува на нокаут меч во Тетово против големиот ривал Шкендија. Дали е тоа храбра, или луда одлука на раководството на најтрофејниот македонски клуб?!
Младинците на Вардар дефинитивно би биле жртвени јагниња доколку бидат фрлени во оган против Хасани, Ибраими и останатите фудбалери на Шкендија, кои ги „газат“ и прволигашките тимови со голема разлика. А доколку „намирисаат крв“ против младинците на Вардар, тоа може да биде и кобно резултатски, но и да остави голема дамка во кариерите на младите играчи. Тоа го напомена тренерот Чедомир Јаневски и откако ги водеше на првенствениот натпревар со Силекс (2-3), но и истакна дека сепак последниот збор го има раководството на клубот. На крајот, дали ваквиот потег ќе биде и протолкуван и како барање алиби од ФК Вардар за неуспесите кои се пројавуваат во текот на оваа сезона, и бо првенството и во Купот.
Без разлика на се, Вардар треба да ги испрати „мажите“ на мегдан во Тетово, а не да си бара алиби и да ги „жртвува“ децата…Можеби сепак ќе преовладее разумот и ќе се разбуди „машкоста“ кај челниците на ФК Вардар во последен момент.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА