Автомобилистичкиот клуб „Ковачи рејсинг тим“ годината која изминува ја запишува како една од најуспешните свои благодарение и на најмладиот Македонец освојувач на трофеј на Балканскиот картинг куп, Христо Ковачи.
Седумгодишното момче е без сомнение еден од најуспешните во историјата на овој спорт во Македонија, ако се погледне и неговата возраст. Зад името на Ковачи во 2019 година остануваат запишани вицешампионската титула во Македонија како и третото место во генералниот пласман во бугарскиот картинг шампионат.
Христо Ковачи почетоците во овој спорт ги има на картинг-центарот во Скопје, а потоа станува дел и од Автомобилистичката академија во Солун каде продолжува со усовршувањето од најмала возраст…
„Овој спорт навистина ме привлекува, затоа и максимално се посветувам на тренинзите кои се дополнети и со тренинг во други спортови. Најинтересни секако ми се почетните моменти од трката и предизвикот да се поминат конкурентите“ – вели Христо Ковачи, чија желба е еден ден да стане рели возач.
„Христо тренира и по девет часа на ден како би бил максимално психо-физички подготвен за трките. Максимално, како родители, сме посветени во желбата да ги овозможиме сите услови за негов континуиран развој и покрај тоа што се работи за исклучително скап спорт. Верувам дека во иднина и домашните компании, но и државата, ќе се вклучи со поддршка за овој спорт и младите потенцијали кои и тоа како се неопходни за промоција на земјата“ – вели таткото на Христо, Аргир Ковачи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА