Христо Ковачи е еден од најталентираните млади картинг возачи. Тој има само седум години, а веќе е еден од најдобрите на своја возраст. Својата кариера тој ја почнал на картинг центарот при СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, а потоа продолжил во Солун, а својата прва трка ја имал во Бугарија каде се пријавил на шампионатот во возење картинг.
„Во таа трка настапија и десетина други деца. Во квалификациите заземав четврто стартно место. Но, кога тргнав ми се случи пех. Заради тоа што не беа загреани гумите на самиот почеток излетав од патеката. Ме поминаа сите картинзи, но мене ме фати инает. Го вратив картингот на патеката и почнав да ги бркам. На крајот, по десет кругови долги по еден километар, освоив четврто место“, вели Христо.
Потоа следеле уште 11 други трки, а во генералниот пласман малиот Христо го освоил третото место од вкупно 13 возачи.
Негова цел е да продолжи да се занимава со возењето, а еден ден да настапи и во најсилниот рели шампионат во светот.
„Сакам да станам рели-возач, тоа ми е многу возбудливо. Посебно сакам да возам во зимски услови по снегот со спортски коли. Патеката кон тоа води преку картингот кој го вежбаат и најдобрите возачи бидејќи им помага да го изострат рефлексите“, завршува Христо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА