Златко Далиќ ќе продолжи да ја извршува функцијата селектор на Хрватска уште еден месец, а доколку успее да обезбеди пласман на СП на овој стратег ќе му биде понуден и долгорочен договор како кормилар на „коцкестите“. Ова е одлуката на денешниот состанок на Извршниот Одбор на Хрватскиот Фудбалски Сојуз, кој реши сепак да почека за да го задржи Далиќ на подолг рок.
Овој стратег храбро прифати да седне на клупата на националниот тим по разочарувачкото реми со Финска, успевајќи да стигне до голема победа на гостински терен против Украина со која Хрватска обезбеди учество во мундијалскиот бараж. Сепак, сега пред Далиќ е нов сериозен предизвик, да го мине баражот и да обезбеди влез на СП, со што воедно и самиот би се изборил за останување на клупата на националниот тим.
„Далиќ ќе остане до крајот на овие квалификации, а потоа ќе разговараме за иднината. Тој прифати се што му понудивме, колку е чесен најдобро потврдува фактот дека за овие две средби од баражот нема да добие ниту договор, ниту било каква награда. Најважно сега е да го оставиме да работи на мир“ – изјави претседателот на Хрватскиот Фудбалски Сојуз, Давор Шукер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА