Динамо Загреб ќе го претставува Балканот во Лигата на Шампионите оваа сезона откако хрватскиот тим во кој настапуваат и македонските репрезентативци Аријан Адеми и Стефан Ристовски успеа да слави во двомечот против Бодо/Глимт. По поразот во Норвешка, „модрите“ успеаја да слават на „Максимир“ по продолженија со голови во 117. и 120. минута.
Пласманот во групната фаза на Динамо Загреб ќе му донесе најмалку 22 милиони евра. Самиот пласман меѓу најдобрите европски екипи носи 15.94 милиони евра, а останатите шест милиони ќе се добијат во име на клупскиот коефициент во последните пет години. Тоа е основната заработка, а за секој освоен бод во групите УЕФА ќе наградува со 930 илјади евра. Покрај тоа постои и „маркетинг пул“ од кој Динамо ќе заработи пропорционално од проценетата вредноста на хрватскиот пазар.
Од пласманот добро ќе заработат и играчите на загрепскиот клуб. За вчерашниот успех не се предвидени премии, но клупскиот правилник носи добра заработка за европски успех. Со тоа фудбалерите кои го сносија „теретот“ ќе добијат по 100 илјади евра, а останатите нешто помалку.
Притоа, мотив повеќе за фудбалерите ќе биде и предведните бонуси за успехот во групната фаза. Во минатото тие добиваа по 50 илјади евра премија за победа и 30 илјади евра за реми, а во новата сезона се очекува оваа сума да биде поголема.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

