Полуфиналето меѓу Норвешка и Хрватска што се игра денеска (20.45 ч.) во Париз ќе го даде вториот финалист на 25.Светско ракометно првенство. Победникот од овој дуел в недела ќе излчезе на мегдан со Франција во големото финале за светската шампионска титула.
Хрватите во Париз допатуваа со шест победи од седум одиграни натпревари и само еден пораз од Германија во групната фаза од шампионатот. Дуелот со Норвешка за „коцкестите“ ќе биде шесто полуфинале на светските првенства и второ полуфинале за Хрватска големите натпреварувања под водство на селекторот Жељко Бабиќ. Лани, на ЕП во Полска, Хрватска во полуфиналето беше сопрена од Шпанија, а потоа ја победи Норвешка во мечот за бронзениот медал. Два месеци подцна, Хрватска ја елиминира Норвешка и во олимписките квалификации за Рио.
Иако беа поуспешни во последните две пресметки, Хрватите во денешниот дуел влегуваат со голем респект за скандинавскиот противник.
„Норвежаните играат многу брзо, ние ќе треба да се обидеме да ги победиме со нивното оружје, користејќи ги максимално контрите. Нашата самодоверба е на највисоко ниво. Веруваме во нашите можности и веруваме дека може да стигнеме до финале. Што се однесува до шансите против Норвешка, тие во ова полуфинале се 50-50“ – истакнува хрватскиот репрезентативец Мануел Штрлек.
Селекторот Жељко Бабиќ го издвојува норвешкиот бек Сандер Сагосен и брзината на Норвежаните како најголема опасност за Хрватска во денешното полуфинале.
„Сагосен е одличен играч, многу е силен и лесно ја пробива првата линија. Имаат брз пренос на топката, агресивен напад на одбраната на противникот и брз шут од надворешните позиции. Тие се тим кој има се во едно. Нивната брзина е нивна предност, но и недостасток во исто време. Играат секогаш исто, не го менуваат ритамот ни кога се во водство, ни кога губат пет гола разлика“ – истакнува хрватскиот селектор.
Норвешка елиминира Македонија во осминафиналето на ова СП, а потоа во четвртфиналето ја победи Унгарија и од Албервил се пресели во Париз. Со брзата компактна игра на младиот состав предводен до Сагосен и од 22-годишниот голман, Торбјорн Бергеруд, Норвежаните оставија позитивен впечаток на ова СП на кое влегоа со „вајлд карта“ од ИХФ откако во баражот беа елиминирани од Словенија. Во завршницата влегуваат со свои „сметки“ и желба да и се реваншираат на Хрватска за загубената „бронза“ во Краков.
Селекторот на Норвешка, Кристијан Берге најави дека и во денешното полуфинале ќе играат како и на целиот мундијал досега, со многу трчање во сите 60 минути.
„Хрватска има добра екипа. Посилни се од Унгарија која ја победивме во четвртфиналето. Тактички се многу моќни и сигурен сум дека ова ќе биде многу тежок натпревар за нас. Се разбира, јас верувам дека може да победиме, но за да стигнеме до финале вечерва треба да го одиграме најдобриот меч овде. Клучна ќе биде нашата одбрана и голманите. Сигурно нема да застанеме и да се задоволиме со ова што го имаме досега. Можеби лани бевме задоволни со полуфинале на ЕП, но сега не сме. Сакаме повеќе, гладни сме за успех“ – вели Кристијан Берге.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА