Хрватите се жалат: ВАР повторно потфрли, Ристовски не беше во офсајд! (ВИДЕО)

Во хрватски Динамо Загреб не може да се помират со вчерашниот пораз од Викторија Плзен во Конференциската лига, откако на хрватскиот шампион му беше поништен погодок во 94. минута по ВАР интервенција.

И покрај тоа што најпрво погодокот беше признаен, сепак судијата по консултација со ВАР се одлучи да го поништи за конечна победа на Чесите од 1-0. Наводно, македонскиот фудбалер Стефан Ристовски бил во офсајд-позиција при асистенцијата за голот на Динамо Загреб.

Но, дел од најдобрите хрватски судии велат дека сомнителна е линијата која беше покажана и за време на ТВ-преносот, а која ја гледаат и судиите при ВАР-консултациите. Поголемиот дел од размислувањата се дека Ристовски не беше во офсајд, но повторно потфрли ВАР-системот…

„Да бидеме реални, немаме докази дека голот е неоправдано поништен, но сомнителна е линијата која се покажа на екранот и не ја промени бојата. Ние не можеме да знаеме, а можат само оние кои беа во ВАР-собата, зошто линијата не ја промени бојата и дали тоа се само милиметри офсајд. Но, од она што ние може да го видиме мислам дека ова е уште една грешка на ВАР“ – вели анонимен хрватски судија, анализирајќи ја ситуацијата од Плзен.

Динамо Загреб, по овој пораз, е во незавидна ситуација во групата. Викторија Плзен со 12 бода е веќе во следната фаза од Конференциската лига, а за второто место во последните две кола ќе се борат косовски Балкани и казахстанска Астана кои имаат по 4 бода, како и Динамо Загреб кој е на последното место во групата со 3 бода.

Се вчитува...