Ракометната репрезентација на Хрватска не успеа да се пласира во четвртфиналето од ОИ во Париз откако „коцкестите“ денеска го загубија клучниот дуел од Шпанија со резултат 32-31. Хрватите се надеваа на реприза на дуелот од последното ЕП кога ја демолираа „црвената фурија“, но овојпат не најдоа одговор за одличниот Гонзало Перез де Варгас и претрпеа уште еден пораз што значеше и пакување на куферите и враќање назад во татковината.
Хрватските ракометари премногу нервозно влегоа во мечот, а шпанскиот состав знаеше како да го казни тоа и набрзина поведе со 8-4. Тајмаутот на Сигурдсон и влегувањето на Дувњак донесоа мини-серија на „коцкестите“ и израмнување на резултатот, но веднаш потоа Шпанија одговори со неколку гола во серија, по што „црвената фурија“ до крајот на полувремето го контролираше резултатот и на одмор замина со водство од 20-15.
Хрватите заиграа подобро во вториот дел, ја намалија негативата, но се мачеа целосно да се вратат во мечот. Супердраматично беше во последните две минути, најпрвин Шпанија поведе со 31-29, но Хрватите за нецела минута постигнаа два погодоци и го израмнија резултатот. Шпанците сепак имаа причина за радост откако Алеиш Гомез погоди на четири секунди до крајот, за победа што им го донесе третото место и значи избегнување на Данска како ривал во четвртфиналето.
Гонзало Перез де Варгас имаше 14 успешни интервенции (9 од нив во првото полувреме), Родригез со шест и Алеиш Гомез со пет гола беа најефикасни во победничкиот табор, додека на Хрватите не им помогна ниту извонредниот шутерски ден на Кларица, кој имаше седум погодоци без промашување.
Шпанците за ривал во четвртфиналето ќе ја имаат селекцијата на Египет, домаќинот Франција ќе се сретне со Германија, Данска ја очекува скандинавско дерби против Шведска, додека во последната четвртфинална пресметка силите ќе ги одмерат Словенија и Норвешка.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА