Хрватите со кренати глави: Тажни сме, но и горди на тоа што го направивме

Хрватска загуби во финалето на Светското првенство во Русија. Подобри беа Французите кои славеа со 4-2 и успеаја да стигнат до тронот, повторно по 20 години пауза. За „коцкестите“ останува утехата дека ова е сепак најдобриот резултат во историјата на хрватскиот фудбал.

„Тажни сме, но и горди на се она што го направивме на овој Мундијал. Игравме добро, но мислам дека не пресече пеналот пред крајот на првото полувреме. Мораме да бидеме среќни, втори сме на светот. Останува жал за титулата, но таков е животот. Французите играа на контранапади, примивме два случајни гола. Фудбалот е таков, на крајот останавме со празни раце, но, сепак, мислам дека срцето на сите Хрвати е полно, ако го гледаме Мундијалот во целина“, изјави хрватскиот селектор, Златко Далиќ.

Десниот бек Шиме Врсаљко истакна дека фудбалерите го дале својот максимум на теренот.

„Го оставивме срцето на теренот и не можеме ништо да си заметиме. Се надевам дека навивачите тоа го воочија. Игравме добро, но таков е фудбалот. Мислам дека направивме нешто што засекогаш ќе се памети и можеме да бидеме горди на се она што го направивме. Им благодарам на навивачите, мислам дека сите заедно ја претставивме државата во најдобро светло“, изјави Шиме Врсаљко.

 

Се вчитува...