Хрватска експресно се опорави од поразот од Словенија во минатото коло, откако денеска славеше на дуелот со Германија со резултат 31-26. Германците влегоа во мечот осоколени по одличните игри и двете стартни победи во Париз, но денеска налетаа на поквалитетен и помотивиран противник кој знаеше како да ги искористи своите шанси.
Хрватите беа подобар противник од самиот почеток, а Германија само еднаш, и тоа накратко стигна до водство од 4-5. „Коцкестите“ одговорија со серија од 3-0, по што имаа контрола над резултатот до крајот на полувремето, на одмор заминувајќи со водство од 15-13. Почетокот од вториот дел беше клучен дел од овој натпревар, откако Хрватска повторно заигра гранитно во одбраната, тоа донесе и ефикасност во нападите, па балканската селекција поведе со 26-20. Ова водство беше рутински задржано се до конечните 31-26, по што и двете селекции по првите три кола од групната фаза имаат идентичен скор 2-1.
Кузмановиќ имаше 12 одбрани на голот на Хрватска, а во нападот блескаше Мартиновиќ со девет погодоци, пред Дувњак и Шоштариќ со по пет. На спротивната страна, Гола беше прв стрелец на Германија со осум гола, додека Волф остана на скромни осум интервенции за оваа селекција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА