Хрватска по огромна битка триумфираше над Унгарија со 27-25, триумф со која „коцкестите“ стигнаа до првото место во својата група и пласман во ново полуфинале од едно големо натпреварување. Триумфот е уште поголем ако се знае дека Унгарците во долг период водеа, во првото полувреме во некоолку ситуации и со четири гола разлика, но „коцкестите“ собраа сили за целосен пресврт. Во самата завршница улогата на херој му припадна на Давид Мандиќ, крилниот ракометар најпрвин изнуди пробивање при 26-25, за потоа на неколку секунди до крајот да го постигне и голот за печат на големата победа.
Кузмановиќ беше избран за МВП на мечот со девет успешни интервенции, најефикасни беа Шоштариќ, Кларица, Лучин и Мандиќ со по четири гола, додека прв стрелец на Унгарија беше Имре со седум погодоци.
Германија во директната битка за билет за полуфинале ја совлада Франција со 38-34, оставајќи ги „триколорите“ без борба за медал на овој шампионат. Германците се одлепија пред крајот на првото полувреме, на одмор заминувајќи со водство од 19-15. Французите се вратија за момент, но германските ракометари беа поумешни во финишот, знаеја да ги искористат своите шанси и стигнаа до големата победа.
Јури Кнор беше клучно име со десет погодоци, Ушчинс постигна пет, а интересно е што Германија победи и покрај слабото издание на голманите (Волф и Шпет имаа само по четири одбрани). Најефикасни во францускиот табор беа Мем со 11 и Деска со девет погодоци, додека голманот Дебоне имаше 10 успешни интервенции откако го замени Болзингер (беше стартер, но немаше ниту една одбрана).
Доколку Данска ја оправда фаворитската улога и слави вечерва против Норвешка, тогаш во полифиналето Данците ќе се сретнат со Исланд, додека Хрватска за противник ќе ја има Германија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

