Хрватска две кола се мачеше, но вечерва конечно прикажа квалитетен фудбал, ја совлада Шкотска среде Глазгов со 3-1 и го осигура пласманот во осминафиналето од ЕВРО 2020. Шкотите имаа можност на домашен терен со победа за првпат во историјата да стигнат до нокаут фазата на едно големо натпреварување, но немаа сили да го натераат на капитулација актуелниот светски вицепрвак.
Златко Далиќ направи неколку рокади во тимот, што се покажа како вистински потег, бидејќи Влашиќ го постигна водечкиот гол за 1-0, и тоа по центаршутот на Јурановиќ, кој стартуваше како десен бек пред Врсаљко и максимално ја оправда довербата. Шкотите притиснаа пред крајот на полувремето и успеаја да израмнат преку Мекгрегор во 42. минута.
Во вториот дел сепак пресуди класата на „коцкестите“, откако Лука Модриќ со извонреден погодок го матираше голманот Маршал со удар од работ на шеснаесетникот, носејќи ново водство во 62. минута. Петнаесет минути подоцна беше ставена точка на триумфот на Хрватска, откако Перишиќ со прецизен удар со глава по корнерот од левата страна ги осигура трите бода. Воедно, победата од два гола разлика значеше и искачување на второто место на табелата, што значи дека Хрватска во осминафиналето ќе се сретне со второпласираната селекција од групата Е, каде за ваков пласман шанса имаат сите репрезентации, Шпанија, Полска, Словачка и Шведска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА