Репрезентациите на Хрватска и на Норвешка веќе со една нога се на Светското првенство кое во јануари следната година ќе се одржува во Германија и во Данска откако во првите мечеви од бараж пресметките убедливо славеа против Црна Гора односно Швајцарија.
И тоа како блиску до СП 2019 е и Унгарија откако славеше на гостински терен против Словенија.
Хрватите ја декласираа Црна Гора победувајќи со 32-19 на мечот кој се играше во Осијек, па сосема извесно реваншот за четири дена ќе биде само формалност. Штрлек и Хорват беа најефикасни кај „коцкестите“ со по шест постигнати погодоци.
Норвешка, пак, на домашен терен славеше со 32-26 против Швајцарија и е блиску до СП.
Изненадувачки висока победа славеше Унгарија против Словенија од 24-29 на гостувањето во Копер. По овој триумф веќе е во голема мера јасно дека на избраниците на Веселин Вујовиќ ќе им биде повеќе од тешко да дојдат до изненадување на реваншот во Веспрем.
Денеска се одигра и првиот натпревар од пресметката меѓу Холандија и Шведска во која „лалињата“ славеа со 25-24.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА