Хрватска ја совлада Словенија во „пеколот“ во Загреб и се чекираше во четвртфинале

Ракометарите на Хрватска се последните патници во четвртфиналето на Светското првенство на кое се домаќини заедно со Данска и Норвешка, откако во последниот меч од главната фаза славеа над Словенија во трилер меч со 29-26.

Словенците подобро го отворија натпреварот недозволувајќи му на противникот да постигне гол во првите девет минути по кои имаа позитива од 0-5. Како одминуваше првото полувреме Хрватите заиграа многу подобро, па на пауза се замина со реми 15-15.

Во вториот дел домаќините водени од преполната Загребска арена успеаја да го урнат противникот и на крајот да стигнат до триумф од 29-26. Главаш и Мартиновиќ со по пет гола беа први имиња кај победникот, додека кај поразените Влах исто така постигна пет гола.

Норвешка во меч кој немаше резултатско значење славеше над Шведска со 29-24. Најдобар поединец кај победникот беше Бјорнсен со шест гола, додека кај поразените недоволни беа седумте гола на Јохансон.

Четвртфинални двојки на СП: Хрватска – Унгарија, Франција – Египет, Данска – Бразил и Португалија Германија.

Се вчитува...