Хрватска прокоцка „плус 15“ и загуби од Германија

Репрезентацијата на Хрватска пропушти идеална шанса вторпат во рок од неколку дена да го совлада светскиот првак Германија и да направи огромен чекор кон пласман на следниот Мундобаскет.

Хрватите пред неколку дена на домашен терен ја совладаа Германија, а вечерва и на гостувањето доминираа во огромен дел од мечот. Најголемата предност на „коцкестите“ изнесуваше плус 15, а на три минути до крајот резултатот гласеше 67-77. Тогаш дојде до целосен колапс во играта, а Германците го искористија тоа и со серија од 10-0 го одведоа мечот во продолжение. Дополнителните пет минути минаа во знакот на домашната селекција, која безмилосно ги казнуваше грешките на хрватските кошаркари и стигна до победата изразена со конечните 91-89.

Тиман ја предводеше Германија со дабл-дабл од 24 поени и 12 скокови, Да Силва имаше 15 поени, додека најефикасен во хрватскиот табор беше Марио Хезоња со 30 поени.

На останатите квалификациски средби, Франција рутински славеше на домашен терен над Унгарија со 98-79, Шведска како гостин славеше над Естонија со 69-79,  додека Финска беше подобра од Белгија со 78-75.

Се вчитува...