Македонската одбојкарска репрезентација денеска (20 часот) треба да го мине првото скалило на патот до трофејот во Сребрената Европска лига. На завршниот турнир на четирите најдобри селекции кој се одржува во Скопје, во полуфиналната пресметка, македонските одбојкари се соочуваат со Хрватска. Летонија и Белорусија во 17 часот во салата „Кале“, во првиот полуфинален дуел ќе ја отворат прогамата на Ф4 турнирот.
Со Хрватска, велат од нашиот табор, сме на исто квалитативно ниво и во полуфиналето нема да прави разлика ефектот во групниот сегмент.
„Нема врска тоа што тие имаат 5-1, нивната група беше многу послаба. Затоа тоа мене не ме загрижува. ние бевме во конкуренција со Австрија и со Летонија. Но, тоа е завршено. Ние имавме 6-0 во претходните години, па не успевавме да дојдеме до златото. Нас групата и не не интересираше. Да се боревме за Ф4 ќе имавме подобар биланс“ – вели лидерот на македонскиот тим, капитенот Никола Ѓоргиев.
Селекцијата на Хрватска за нашиот тим е најпознатиот противник од учесниците на Ф4 турнирот. Со Летонците кои се потенцијален противник за финалето се сретнавме во прелиминарниот сегмент, додека тимот на Белорусија е енигма кој ќе треба да биде решавана пред евентуален дуел утре, финале или пак меч за третото место.
„Oдиме чекор по чекор. Во полуфиналето со Хрватска нема да биде лесно. Ќе треба да се помачиме. Не е важно со кој резултат, важно да одиграме добро и потоа да се фокусираме на следниот противникот. Сите противниците се на исто ниво. Ќе треба многу да се потрудиме“ – вели искусниот репрезентативец, Александар Милев.
Во претходните три години, македонската репрезентација беше исклучително успешна во групниот сегмент, играше неизвесни полуфинални средби, а потоа ги губеше дуелите за трофејот.
Натпреварите за распределба на медалите се закажани за утре. Мечот за третото место е во 17, а финалето е во 20 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА