Марин Чилиќ е најзаслужниот што Хрватска се пласираше во полуфиналето од Дејвис-купот, по новиот триумф во сингл што најдобриот тенисер на оваа земја го донесе во четвртфиналето против Казахстан. Хрватите имаа предност од 2-1 по првите два дена, па со победата на Чилиќ над Кукушкин од преубедливи 6-1, 6-1, 6-1 беше обезбеден пласман меѓу најдобрите четири селекции во светскиот тенис. Хрватите во полуфиналето ќе се сретнат со САД, откако американскиот состав по само два дена ја елиминираше Белгија стигнувајќи до недостижно водство од 3-0.
Најнеизвесно беше на пресметката меѓу Шпанија и Германија, во која Германците во последниот ден влегоа со предност од 2-1 во победи. Рафаел Надал експресно го декласираше Алекс Зверев со 3-0 во сетови и израмни на 2-2, за потоа Давид Ферер и Филип Колшрајбер да одиграат маратон што траеше четири часа и 51 минута. Поумешен беше Шпанецот, кој на огромна радост на домашните фанови триумфираше со 7-6, 3-6, 7-6, 4-6, 7-5.
Шпанија ќе води битка за влез во финалето со Франција, која славеше над Италија, а клучната победа ја забележа Пуиј над Фоњини.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА