Хрватска во шок – Почина легендарниот Златко Сарачевиќ откако му се слоши на натпревар

Хрватската ракометна јавност е во шок откако вечерва почина легендарниот ракометен работник Златко Сарачевиќ. Сарачевиќ итно беше пренесен во болница во Копривница откако му се слошило по завршувањето на мечот меѓу Подравка и Локомотива.

Сарачевиќ не се чувствувал најдобро по натпреварот, а му се слошило по излегување од салата, пренесуваат хрватските медиуми. Во близина била тренерката на голманките на Подравка Барбара Станчин која веднаш повикала брза помош. Легендарниот Хрват бил пренесен во болницата во Копривница. Медицинските лица го реанимирале во амбулантното возило, а починал откако пробале да го оживеат цели 40 минути.

Златко Сарачевиќ во моментов работеше како тренер на Подравка Вегета, а ќе остане запаметен како еден од најдобрите хрватски ракометари. Тој беше дел од златната генерација на Хрватска во 90-те години на минатиот век која во 1996 година го освои златниот медал на Летните олимписки игри во Атланта. Беше член и на репрезентацијата на Југославија која освои бронза на игрите во Сеул 1988 година.

Се вчитува...