Хрватски „џин“ со потпис за Вардар

Вардар продолжува да ги засилува своите редови со нов „шопинг“ од Загреб, откако по средниот бек Анте Гаџа од хрватскиот првак во таборот на „црвено-црните“ ќе пристигне уште еден ракометар. Станува збор за десниот бек Јосип Векиќ, 22-годишен перспективен играч кој ќе има можност во дресот на „вардарци“ да го покаже својот потенцијал.

Во игра за нов десен бек беа уште неколку опции, но на крајот изборот падна токму врз хрватскиот интернационалец од редовите на Загреб. Станува збор за „џин“ висок 210 сантиметри кој ќе има одговорна задача да го наследи во тимот Даинис Криштопанс. Векиќ се најде и на поширокиот список на Лино Червар во пресрет на ЕП 2020, но не го мина последниот „рез“ за да настапи на овој шампионат. Покрај него, Вардар како десен бек летово го доведе и Томи Јагуриновски од редовите на Металург.

Позициите десен и среден бек беа најпроблематични за „вардарци“ во пресрет на новата сезона, а се очекува со доаѓањето на Гаџа и на Векиќ македонскиот првак да го заокружи ростерот со уште најмалку еден ракометар на бековските позиции. Претходно, покрај Јагуриновски договори со „црвено-црните“ потпишаа и францускиот голман Кантегрел, како и македонските репрезентативци Филип Талески и Гоце Георгиевски.

Се вчитува...