Ракометниот клуб Охрид стигна до големо засилување во пресрет вториот дел од сезоната откако го официјализираше потписот на хрватскиот интернационалец Никола Јукиќ.
Триесетгодишниот Јукиќ кој има и три настапи за репрезентацијата на Хрватска игра на позицијата десен бек и во Охрид носи богато искуство со оглед на настапите за Каштела, Шарте, Минден, АЕК и Мудхар.
„Мило ми е што доаѓам во Охрид, клуб кој расте и кој во Македонија има големи амбиции. Македонија е ракометна земја, а многу убави работи слушнав за ГРК Охрид и градот уште кога настапував во Бундес лигата и верувам дека мојот престој тука ќе биде успешен. Фокусиран сум на целите на клубот и верувам дека на крај сите ќе имаме причини за задоволство. Слушнав многу добри работи и за тренерот Аушовски, кој е легенда на македонскиот ракомет, така што сигурен сум дека соработката ќе биде вистинска. Запознаен сум со лигата, дека има доста квалитетни играчи и клубови, Еурофарм Пелистер кој настапува во Лигата на шампиони, Вардар кој секогаш е силен и е поранешен двократен шампион на Европа, како и Алкалоид кој го предводи легендарниот Кире Лазаров, против кого играв неколку пати во Француската лига“, изјави Никола Јукиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА