Хрватските хулигани остануваат во притвор, ќе одговараат за четири кривични дела меѓу кои и убиство

Уапсените хрватски навивачи по големите нереди во Атина ќе одговараат за четири кривични дела и седум прекршочни дела, меѓу кои и за убиство.

По вчерашното нивно појавување пред грчкиот суд одлучено е сите притворени да останат и натаму во притвор а притоа ќе се соочат со казнените дела – убиство од небрежност, поседување на експлозивни направи, здружување во злосторничка организација и предизвикување на експлозии. Прекршочните дела се однесуваат на нарушување на јавниот ред и мир, нанесување и обид за нанесување на повреди, уништување на имот, насилство на спортски настан, нелегално носење на огнено оружје, употреба на оружје и поседување на димни бомби.

Инаку, грчката полиција се уште трага по околу 30 хрватски хулигани кои се во бегство, но се уште не ја напуштиле Грција. Иако се тврдеше дека е уапсен и главниот осомничен, се уште нема официјална потврда дека се знае убиецот на 29-годишниот Михалис Кацурис. Грчките медиуми тврдат дека отпечатоците и ДНК трагите најдени на телото упатуваат оти станува збор за грчки државјанин, најверојатно навивач на атински Панатинаикос кој бил заедно со хрватски хулигани, а не 19-годишниот Домагој Пезер кој беше уапсен вчера во обид да ја напушти Грција.

Судските вештаци потврдиле дека фаталната рана е нанесена со конкретен тип на мал рачен нож кој се уште не е пронајден. Грчката јавност е револтирана од игнорантскиот однос на атинската полиција. Најмногу поради тоа што имале прецизни информации уште на 4. август дека ќе пристигнат навивачи на Динамо и дека опасноста од инцидент е исклучително висока, но не реагирале на сето тоа.

Се вчитува...