Веќе уапсените хрватски хулигани денеска се доведени пред грчките судови на кои треба да им се одредат натамошните мерки по тешките инциденти кои ги предизвикаа пред натпреварот од Лигата на шампионите во Атина меѓу АЕК и Динамо Загреб.
Пред судовите беа пречекани од грчки државјани кои ги дочекаа со извици: „Убијци и фашисти“…
А, паралелно со тоа грчката телевизија ЕРТ информираше за нови апсења на границите со Македонија, Албанија, но и на поморските граници на Хрватите кои се обидуваат да избегаат од Грција.
Уапсени се уште пет Хрвати кои се обиделе Грција да ја напуштат со брод за Италија. Се претставиле како туристи, но со оглед на тоа што во земјата биле само два дена а притоа немале никакви кофери со себе, ниту никакви лични работи, полицијата се посомневала па ги привела кај Игуменица. Откако било утврдено дека учествувале во немирите во Атина, потоа од Игуменица се пренесени во затворот во Атина каде исто така ќе чекаат судски одлуки.
Грчката полиција трага по уште 50 хрватски навивачи кои се во бегство низ земјата. Во вторникот, пак, на албанска граница е фатен 19-годишен Хрват кој се обидел да избега кон Тирана. За него се тврдеше дека е осомничениот убиец на грчкиот навивач, но тоа се само шпекулации без официјална потврда.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

