ХУМАНИТЕ МИСИИ ПРЕПОЗНАТЛИВОСТ ЗА ВАРДАР – Сеќавање на ѕвездениот меч од 2002 за одбележување на шампионската титула од 1987! (ФОТО)

Хуманите мисии се препознатливост за Вардар, и пред се за онаа негова златна шампионска генерација од 1987 година која, еве, и речиси 40 години подоцна е секогаш обединувачката нишка во македонскиот фудбал.

Во очекување на денешниот хуманитарен натпревар (20 часот, арена „Тодор Проески“ во Скопје) меѓу Вардар и Црвена Звезда во спомен на жртвите од ужасната трагедија во Кочани, но и за помош на семејствата на настраданите, неизбежно е сеќавањето и за уште еден ревијалан натпревар на најтрофејниот македонски клуб од 2002 година, и повторно на иницијатива на неговите ѕвездени фудбалери предводени од Дарко Панчев, Илија Најдоски, Драган Канатларовски, Васил Рингов, Бобан Бабунски…, тогаш за јубилејно одбележување на 15-годишнината од освојувањето на шампионската титула од 1987 година, а повторно со хуманитарен карактер за помош, тогаш, на семејствата на загинатите бранители на Македонија од редовите на АРМ и МВР во војниот конфликт од 2001 година.

Во вистински спектакл, пред речиси 30.000 гледачи, според спомените на сите партиципиенти на тој меч од 28 април 2002 година, вардаровата златна генерација предводена од Дарко Панчев победи со 3-2 против селекцијата составена од ѕвездите од тогашната Прва југословенска лига кои играа во сезоната 1986/87. И со два гола токму на „кобрата“ Дарко Панчев и еден на Зоран Бошковски, шампионот Вардар славеше како во најславните свои денови. Головите за селекцијата на југословенските ѕвезди ги постигнаа Гордан Здравков и Кочо Атанасов.

Во незаборавна вечер на која многумина со носталгија се сеќаваат, за Вардар во првиот тим на ревијалниот натпревар играа Грошев, Станојковиќ, Симоновски, Канатларовски, Најдоски, Бабунски, Џипунов, Аврамовски, Панчев, Петров и Рингов, а настапија уште и Тодоровски, Марковски, Трајчевски, Симоски, Лазаров, Бошковски, Анастасовски, Трајановски, Бизимовски, Филипов, Горачинов, Димоски, Стојановиќ и С. Мутибариќ. Од тренерската позиција тимот беше предводен од Андон Дончевски, заедно со Мето Спасовски и Кочо Димитровски.

За селекцијата од поранешните фудбалери од југословенските лиги играа: Стојановиќ, Спасиќ, Маровиќ, Блажевски, Митко Стојковски, Банковиќ, Урошевиќ, Здравков, М. Ѓуровски, Стојковиќ и Мркела. А, играа уште и: Јањуш, Герасимов, Александровски, Георгиев, Маџунаров, Марјан Стојкоски, Хусеин, Панов, Андреев, Василев и Атанасов. Овој тим беше предводен од Драган Христовски и Кирил Дојчиновски.

ТУКА СМЕ ЗА СИТЕ ДА МУ ПОМОГНЕМЕ НА ВАРДАР

Легендарниот „лисец“, Андон Дончевски не можеше да го сокрие воодушевувањето од целокупниот спектакл…

„Прекрасно е чувството да се биде тука да бидеме заедно со сите вас, да бидеме со Вардар и да се потсетиме на шампионските денови“ – рече Дончевски кој тогаш допатува од Австралија за тој хуманитарен-ревијален натпревар.

„Сакаме да му помогнеме на Вардар да се издигне над просечноста, и да му помогнеме на македонскиот фудбал да се крене на повисоко ниво, затоа што сега е на едно ниско ниво. Им порачувам на оние кои сега го водат Вардар, а кои не ги познавам, да работат на тоа – а ако не можат нека си заминат“ – изјави Дончевски тогаш за дневниот спортски весник „Скок“.

За настанот со серијал написи известуваат сите домашни весници, „Македонски спорт“, „Скок“, „Вечер“, „Нова Македонија“, „Вест“, „Дневник“, „Утрински весник“…

„Бура од спомени во саботната ноќ на Градскиот стадион во Скопје. Овации, емоции па и солзи меѓу вардаровите златни момчиња, гостите и гледачите. Дефиле на фудбалски ѕвезди. Со еден збор – носталгија. Спектакл што којзнае кога ќе се повтори. Во главна улога, секако, вардаровите ѕвезди кои во сезоната 1986/97 ја освоија шампионската титула. Препознатливата „златна генерација“ која остана вечна гордост на македонскиот фудбал. Во нивна чест и бројни ѕвезди од ју-просторот. А, за трибините се бараше билет повеќе затоа што домашните љубители на фудбалот не ни помислуваа да го пропуштат овој ревијален натпревар… Се вратија на спомените на натпреварите со Данди јунајтед и Порто во Европа, се вратија спомените на незаборавните победнички моменти, се вратија клупските знамиња и пароли од кои една остана вечна: ‘Вардар во срце те носам!’. Натпревар кој во величенствена атмосфера, во сите елементи и низ незаборавен декор прилегаше како во старите добри времиња“ – ќе напише тогаш Јани Кајмаков.

А, по мечот бура од емоции и меѓу сите актери. Легендарниот Драган Стојковиќ – Пикси истакна дека засекогаш додека е жив ќе се сеќава на моментот кога Дарко Панчев и скопската публика со овации го испратија кон соблекувалните…

„Носам незаборавни впечатоци од Скопје. Ова е момент што Вардар како клуб, Скопје како град и Македонија како држава го заслужија. Да се видат сите асови на едно место во ваков амбиент е незаборавно. Ја враќа вербата во фудбалот, искрено се надевам дека и фудбалот во Македонија ќе се врати на нивото кое некогаш го имаше. Ова е прекрасно, во ушите се уште ми одзвонува ехото од неверојатната скопска публика која ме испрати кон соблекувалната со овации. Сето ова ме потсети и на мојот проштален натпревар во Ниш“ – изјави Драган Стојковиќ – Пикси, на кого се надополни и Милко Ѓуровски.

„Беше феноменално. Незаборавно. Ни недостасуваат повеќе вакви натпревари кои обединуваат се во државата“ – рече Милко Ѓуровски.

Предраг Спасиќ: „ПОМИСЛИВ ДЕКА СУМ НА „САНТИЈАГО БЕРНАБЕУ“ ВО МАДРИД“

Ќе остане запаметене изјавата и на поранешниот југословенски репрезентативец Предраг Спасиќ кој беше дел од спектаклот.

„Ова е неверојатна атмосфера. Просто не ми се верува. Секоја чест за скопската публика и за сите вардарови навивачи. Можеби нема да ми верувате, но во еден момент се загубив и помислив дека се наоѓам на стадионот ‘Сантијаго Бернабеу’ во Мадрид. Навистина, ова е прекрасно“ – изјави по мечот поранешниот фудбалер на Партизан и репрезентативец на Југославија, Предраг Спасиќ кој во кариерата играше и за Реал Мадрид.

А, на крај воодушевувањето не го криеше и иницијаторот за организацијата на настанот, Дарко Панчев кој беше конекторот за појавувањето на сите фудбалски ѕвезди на јубилејот во Скопје.

„Среќен сум и задоволен што на најдобар можен начин успеавме да ја реализираме нашата акција и што достојно го одбележавме јубилејот – 15 години шампиони. Пресреќен сум што успеавме да го наполниме Градскиот стадион како во времето кога се боревме за шампионската титула. Им благодарам на сите актери кои дојдоа во Скопје, но пред се им благодарам на скопската публика и на Македонија која е најзаслужна што овој спектакл уште долго ќе се памети и ќе се прераскажува“ – рече најголемата легенда на македонскиот фудбал, македонската „Златна копачка“.

КАКО ВО СТАРИТЕ ДОБРИ ВРЕМИЊА

 

За тој спектакуларен ден, и една од најголемите македонски музички ѕвезди Влатко Стефановски ја напиша химната на Вардар – „Песна за Вардар“, која тогаш заедно и со Андријана Јаневска, Момчило Бајагиќ – Бајага, Жељко Самарџиќ, Калиопи и Владо Јаневски ја отпеаја за повеќе од 30.000 присутни навивачи на Градскиот стадион во Скопје.

„Комитите“, пак, на извонреден начин со свое пиротехничко шоу ја одбележаа 15-годишнината од своето формирање. Транспарентот „Како во старите добри времиња“ најдобро го опиша мотото под кое се играше натпреварот на нашиот најголем стадион.

Се вчитува...