„Хуриет“: Атланта го враќа Антиќ во НБА?!

Многу лесно може да се случи Перо Антиќ на крајот од сезонава да си замине од Фенербахче и да се врати во НБА-лигата, и тоа во неговиот поранешен клуб Атланта хоукс. Ова го тврди влијателниот турски весник „Хуриет“, според кој веќе е дискутирано на оваа тема откако тренерот на Атланта, Мајк  Буденхолцер, допатува во Истанбул за време на фајналфор турнирот од Евролигата.

Буденхолцер, кој имаше беспрекорен однос со Антиќ во двете сезони што Македонецот ги мина во НБА, искажал желба да го врати нашиот интернационалец во таборот на „јастребите“. Антиќ засега не коментира за својата иднина и целосно е фокусиран на настапите во плејофот на Турција, за да му помогне на Фенербахче да ја одбрани титулата во домашното првенство.

Иако одредени медиуми ширум Европа тврдат дека тој со европската круна ја активирал клаузулата за продолжување на соработката со Фенербахче, од Турција стигнуваат информации дека Антиќ е близу до заминување од Истанбул. Жељко Обрадовиќ веќе разгледува неколку опции за неговата позиција во тимот, на врвот на листата со желби е Италијанецот Мели од Брозе баскет, што е само уште една најава дека Антиќ го минува последниот месец во Истанбул.

Пронаоѓањето на нов ангажман сигурно нема да претставува проблем за кошаркар со реномето на Антиќ, за кого интерес веќе искажаа и неколку врвни клубови од Европа, но како што тврди „Хуриет“, Македонецот во моментов е многу близу до камбек во НБА, и тоа повторно како член на Атланта хоукс.

Се вчитува...