Марко Нелоски денеска ќе дебитира за својот нов клуб Кобург, беше соопштено на прес-конференцијата на која германскиот второлигаш го промовираше македонскиот бек како свое засилување за новата сезона. Воедно, Кобург обелодени дека прволигашот Хутенберг е клубот што ја платил отштетата на Металург за македонскиот репрезентативец, по што го испратил Нелоски на едногодишна позајмица во втората по квалитет германска лига.
„Марко Нелоски е еден од најголемите таленти во македонскиот ракомет и иако е млад веќе има богато меѓународно искуство, како во Лигата на шампионите. Тој ќе биде интересен играч за нас, но сметавме дека подобро е првата година да ја мине во втората лига, па го испративме во Кобург како замена за повредениот Том Вецел“ – изјави менаџинг директорот на Хутенберг, Лотар Вебер.
Тренерот на Кобург, Јан Гор, најави дека македонскиот интернационалец своето деби ќе го има веќе вечерва, на домашниот натпревар против Балинген.
„Нема многу играчи кои на 21 година имаат толкаво ниво на квалитет и искуство како Нелоски. Тој ќе ни донесе многу работи во тимот, со нетрпение очекуваме првпат да го облече жолто-црниот дрес против Балинген“ – истакна Гор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА