Екипата на Хувентуд, во чии редови настапува и македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ, се соочува со сериозна опасност од прогласување на банкрот поради неможноста да се најде решение за големата финансиска криза. Како што јавуваат шпанските медиуми, управата веќе извесно време не може да ги покрие своите долгови кон доверителите, а згора на тоа ниту градските власти во Бадалона не искажале подготвеност да го спасат Хувентуд од „црно сценарио“.
Бордот на директори донесе одлука да почека до конечна одлука од „Бордот на доверители во Бадалона“, пред да организира акционерско собрание на кое сериозно ќе се дискутира дури и за ликвидација на овој успешен спортски колектив, со 90-годишна традиција.
Проблемот настана во неиспочитуваниот договор меѓу управата на Хувентуд и Градоначалничката на Бадалона, Долорс Сабатер, со кој градот требаше да откупи земјите во близина на арената за сума од 2,3 милиони евра, пари со кои долгот на кошаркарскиот клуб ќе беше целосно покриен. Сепак, Градот потоа се премисли со образложение дека земјиштето не би било од корист.
Градоначалничката потоа најави спонзорство од 1,2 милиони евра по сезона, но ниту тоа не беше исполнето, па сега Хувентуд се соочува со огромна опасност – поради неможност на исплата на долговите да биде прогласен банкрот.
Димитријевиќ своите први чекори во професионалната кошарка ги направи токму во Хувентуд, сезонава во просек настапува по десетина минути за оваа екипа, но во случај на „црно сценарио“ со оглед на квалитетите и талентот што го поседува македонскиот плејмејкер ќе нема проблеми да си најде нов клупски ангажман.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА