Легендарниот лев бек од последниот одличен период на Манчестер Јунајтед, Патрис Евра, проговори за моменталната состојба на гигантот од Олд Трафорд. Тој рече дека меѓу виновниците за ситуацијата во тимот е и поранешниот легендарен менаџер Сер Алекс Фергусон.
Сер Алекс Фергусон ја напушти клупата на „црвените ѓаволи“ во 2013 година, кога беше освоена последната титула во Премиер лигата. Патрис Евра си замина една година подоцна, а следуваше прилично сушен период во кој беа освоени неколку ФА или Лига купови, како и Лига Европа под водство на Мурињо. Но, приматот дефинитивно му беше оставен на градскиот ривал Сити.
„Секогаш ми е тешко да зборувам за Јунајтед бидејќи игравме за навивачите, грбот, дресот. Со текот на времето, овие вредности беа изгубени. Се обвинувам себеси, но и Сер Алекс Фергусон. Затоа што заминавме прерано и им беше тешко на играчите бидејќи немаа соодветен пример за следење. Не сум таму, не знам што е проблемот. Тен Хаг дава се од себе, но тоа не е доволно“, изјави Евра.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА