И Анчелоти се поклони пред Модриќ: Хрватот и пред легендарниот Пушкаш

Лука Модриќ собори уште еден рекорд кога е во прашање Реал Мадрид запишувајќи се како најстар играч кој заиграл за кралскиот клуб.

Хрватот влезе во игра во 63. минута на синоќешниот натпревар против Селта во Виго, притоа и асистирајќи на Винисиус за победа на Реал од 1-2, а со свои 39 години и 41 ден, го собори рекордот на легендарниот Ференц Пушкаш од 1966 година како најстар играч кој заиграл во дресот на Реал на официјален натпревар.

Модриќ во 2012 година од Тотенхем пристигна во Реал, со кого освои 27 титули, со што е и најтрофејниот играч во историјата на „кралскиот клуб“.

На Модриќ се восхитува и тренерот Карло Анчелоти за кого вели дека е врвен професионалец и одлично момче.

„Задоволство е да се тренира Лука, да се работи со него. Го заслужи сето она што го постигна“ – рече Анчелоти.

Се вчитува...