И Битола си доби атлетски празник: „Трчај бе“ со „конзулски шмек“ (ФОТОГАЛЕРИЈА)

И Битола си доби свој вистински атлетски празник. Вкупно 770 љубители на трчањето од десет земји изминатиов викенд, на најдобар можен начин, и ја подарија на Битола првата градска трка „Трчај бе“, разубавувајќи дополнително градот на конзулите.

Комплетната македонска атлетска елита на средни и долги патеки само даде дополнителен сјај на манифестацијата која за првпат се организира во Битола, заедно со бројни атлетичари и рекративци и од САД, Хрватска, Србија, Велика Британија, Босна и Херцеговина, Бразил, Чешка, Германија и Танзанија.

„На огромно задоволство на сите нас на Битола и се случи ‘Трчај бе’. Успеавме да го организираме најмасовниот спортски настан кој некогаш Битола го имала. Би сакале настанот да прерасне во долга традиција затоа што овој град го заслужува тоа” – изјави директорот на трката Никола Димитровски.

„Трчај бе“ се организираше во истиот викенд и на отварањето на Фестивалот на филмската камера Браќа Манаки, со единствена цел за меѓусебна промоција и на кампањата “Трчај бе во Битола, за да трчаш потоа на филмски проекции”, при што секој учесник доби бесплатни билети за следење на филмскиот фестивал.

 

Иако по еден одлично организиран настан од масовен карактер, резултатите главно остануваат во втор план вредно за издвојување е дека на трката на 10 километри во машка конкуренција победи Кокан Ајановски со време од 33 минути и 43 секунди, пред Атанас Анчевски и Димитар Петровски. Во женска конкуренција, пак, триумфираше Теодора Симовиќ од Србија со време од 34 минути и 50 секунди, пред Македонките Адријана Поп Арсова и Билјана Кираџиева.

На трката на 5 километри во машка конкуренција победи Кристијан Стојани пред Наум Танески и Григоријан Никовски, а кај жените триумфираше Миљана Ристиќ (19 минути и 51 секунда) пред Виолета Ивановиќ и Марија Пеликон.

Во екипна конкуренција, во тим билдинг трката триумфираше тимот на БТОБЕТ пред Кромберг и Шуберт и тимот на „Сам за себе“ во состав Илче Босилковски, Емилија Чона, Наталија Чона, Јована Спасеноска и Славка Чона.

 

Се вчитува...