Фудбалерите на Брегалница и официјално ги стартуваа подготовките за пролетниот дел од сезоната во Втората лига – Исток.
Шефот на стручниот штаб Добринко Илиевски, по вчерашниот прв собир, денеска на игралиштето во Бело Брдо го одработи првиот зимски тренинг со тимот во чии редови беа и првите две засилувања за продолжението од шампионатот, младинскиот репрезентативец Кристијан Ацковски кој пристигна од Работнички и крилниот офанзивец Дарко Додев кој дојде од Силекс.
Наредниве денови, според програмата на стручниот штаб, ќе се работи со двојни тренинзи, комбинирано на терен и со фитнес активности за физичка подготовка.
Брегалница веќе ги договори и првите две пријателски средби, со Борец во Велес на 23. јануари и со Пелистер во Штип на 31. јануари. На 2. февруари екипата заминува на подготовки во Анталија, Турција, каде до 15. февруари е планирано одигрување и четири пријателски средби.
Генералката пред стартот на пролетната сезона е планирана на 22. февруари против Каменица Саса. Вториот дел од првенството во Втората лига – Исток стартува на 29. февруари со пресметката против Кит Го.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА