Фудбалскиот клуб Брегалница спогодбено се раздели со шефот на стручниот штаб Горан Здравков, по серијата негативни резултати на тимот во пролетниот дел од сезоната.
Брегалница во последните шест натпревари е без победа, со четири порази и само две ремија, поради што од морални причини следи повлекувањето на Здравков од тренерската функција а во насока на позитивен импулс за тимот и фудбалски Штип во битката за опстанок во Првата македонска фудбалска лига.
„Од морални причини се повлекувам од тренерската функција во Брегалница, затоа што искрено чувствувам дека сето тоа е единствено решение во интерес на клубот и градот кои заслужуваат далеку повеќе од својот миленик. Силно верувам во овој тим и фудбалерите на Брегалница за кои знам дека можат и мораат многу повеќе. Од срце им посакувам до крајот на сезоната да се изборат за целите и амбициите кои беа зацртани со стартот на сезоната, на радост на најверните навивачи на клубот“ – вели Здравков по повлекувањето од тренерската функција.
Наредните денови раководството на Брегалница се очекува да го официјализира наследникот на Здравков пред кого ќе е задача да се избори за опстанок во елитното друштво. „Сините“ во моментов се на последната позиција од табелата, со два бода заостанување зад Македонија ЃП и четири бода минус во однос на Вардар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА