И дефинитивно потврдено: Без Барди против Хрватска и против Чешка!

Капитенот на македонската репрезентација, Енис Барди поради повреда заработена на последниот натпревар за својот клуб Трабзонспор, не е во можност да се стави на располагање на македонската А репрезентација за натпреварите против Хрватска и Чешка, информираа денеска и дефинитивно од таборот на македонската репрезентација.

„Истегнување на лигаментите на зглобот на десното рамо е повредата здобиена на мечот од последното коло во турското првенство која го спречува нашиот репрезентативец да биде дел од подготовките и контролните натпревари кои ни следуваат. Енис Барди веќе ја започна рехабилитацијата, но за жал не е во можност да биде дел од тимот на Македонија за натпреварите на 3. јуни во Ријека против Хрватска и на 10. јуни против Чешка во Храдец Кралове“ – информираат од ФФМ.

Селекторот на нашата најдобра репрезентација, Благоја Милевски барем до овој момент нема да повикува дополнителен фудбалер како замена за Енис Барди.

Денеска македонската репрезентација ќе одработи два тренинзи, утринскиот од 10 часот и попладне од 18 часот на тренинг центарот „Петар милошевски“.

Се вчитува...