Русија е првиот осминафиналист на СП 2018 откако домаќинот на овој мундијал забележа уште една импресивна победа, овојпат со 3-1 над селекцијата на Египет. Ниту мундијалското деби на Мохамед Салах не им помогна на „фараоните“, кои беа нокаутирани за десетина минути игра во второто полувреме.
Русите имаа повеќе од поседот над топката, но Египет ги имаше најубавите шанси во првите 45 минути, најпрвин обидот на Трезеге беше за малку непрецизен, а потоа Жирков во последен момент го блокираше шутот на Салах на патот до мрежата на Акинфеев.
Ситуацијата целосно се промени на стартот од второто полувреме, со автогол на Фати, кој во паника од присуството на Ѕјуба одигра почетнички и ја смести топката во сопствената мрежа. Русите добија крилја, па во следните десетина минути постигнаа уште два гола, најпрвин прецизен беше Черишев, а потоа прекрасен погодок постигна и Ѕјуба, крунисувајќи го својот добар настап на овој натпревар.
Египет до крајот успеа само да постигне почесен погодок преку Салах, и тоа од пенал што беше досуден со ВАР-систем, откако судијата најпрвин покажа прекршок на работ од шеснаесетникот, пред да ја промени својата одлука и покаже на белата точка. Ова беше прв мундијалски погодок за Египет по пауза од 28 години, слаба утеха по вториот пораз во низа во Русија.
Русија со шест бода е сигурен патник во следната рунда, а последниот меч со Уругвај ќе биде пресметка за првото место во групата, додека Египет со овој пораз речиси сигурно ги загуби шансите за пласман во нокаут фазата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА