И ФФМ со последно збогум за Рингов: „Денес не жалиме само за човек, туку за едно време на мерка, чест и достоинство“

Македонскиот фудбал денеска сосема неочекувано загуби една од своите најголеми легенди, незаборавниот вардаров фудбалер Васил Рингов, кој на 70-годишна возраст почина по кратко боледување во Скопје.

Од незаборавната црвено-црна ѕвезда се збогуваше и Фудбалската федерација на Македонија која потенцира дека „денеска спортска Македонија не жали само по човек, туку за едно време на мерка, чест и достоинство“.

„Денес не жалиме само за човек, туку за едно време на мерка, чест и достоинство. Има луѓе што не си заминуваат. Само се повлекуваат чекор наназад, за да нè гледаат од тишината. Васил Рингов беше од тие. Тивок, исправен, свој. Фудбалот за него не беше сцена, туку одговорност. Не зборуваше многу, ама кога зборуваше, имаше тежина. Кога работеше, оставаше белег. Денес останува споменот за човек кој веруваше дека делото е поважно од зборот, а чесноста посилна од секој резултат. Како што велат, некои си одат, ама остануваат во игра. Почивај во мир, драг наш Васе“ – се вели во објавата на ФФМ.

Се вчитува...