Освојувачот на Златната топка за 2022 година и еден од најдобрите напаѓачи во моментов Карим Бензема, вчера објави дека повеќе нема да игра за француската репрезентација. Откако го пропушти Светското првенство поради повреда и по бројните наводи дека бил во караница со селекторот Дидие Дешамп, одличниот голгетер на својот 35. роденден донесе одлука за репрезентативна пензија.
Бензема беше на списокот на Франција, но поради повреда отпадна од настапите во групата, а Дидие Дешамп не го повика да се приклучи во екипата после групната фаза. Имаше шпекулации дека ќе се приклучи за финалето, сепак, до тоа не дојде.
Случајот „Бензема“ крена многу прашина откако и Дешамп одби да коментира дали ќе го повика Бензема, а и самиот голгетер на својот Инстаграм напиша: „Не ме интересира“.
Новинарот Ромаин Молина открива дека неколку фудбалери биле среќни што голгетерот го напушта репрезентативниот камп во Доха.
„Двајца се издвојуваа – Антоан Гризман и Хуго Лорис. Беа среќни кога Бензема се повреди и што заминува, затоа што никогаш не го прифатија неговото враќње во репрезентацијата. Се исплашија од својот статус како водачи на репрезентацијата“, тврди Молина.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

