Ник Киргиос е најновиот тенисер кој поради повреда прерано завршува со настапите на турнирите за 2017 година. Австралиецот денеска објави дека поради обновување на повредата на колкот нема да може да учествува на следните турнири, најпрвин оној во Базел што стартува в понеделник, а потоа и Мастерс-турнирот во Париз чиј почеток е закажан за 30 октомври.
„За жал, ја обновив повредата на колкот што ја заработив на турнирот во Квинс. За да не се доведам во ситуација да морам да одам на операција, неопходен ми е период на мирување и токму затоа решив да не настапувам на турнирите до крајот на годинава“ – изјави Киргиос, кој во својот последен меч загуби во второто коло во Антерверпен од Рубен Бемелманс.
Покрај австралискиот тенисер, од претходно со своите настапи во 2017 година поради најразлични повреди завршија и Новак Ѓоковиќ, Енди Мареј, Стен Вавринка, Кеи Нишикори, Томаш Бердих и Милош Раониќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА