Поранешниот младински репрезентативец на Македонија, Кристијан Николов, е дел од утринскиот тренинг на националниот тим во пресрет на мечот со Романија, како најава дека талентираниот плејмејкер наскоро би можел повторно да го облече црвено-жолтиот дрес. Николов важеше за еден од најголемите таленти на македонската кошарка заедно со Андреј Магдевски, но пред неколку години поради конфликт со поранешното раководство на МКФ престана со настапи за младинските селекции, земајќи турски пасош за да може да настапува во оваа земја.
Во меѓувреме кариерата на Николов не се движеше во посакуваниот правец, тој добиваше мала минутажа во турските клубови во кои настапуваше, па овој кошаркар е во процедура за враќање на македонскиот пасош, со што би можел да почне со настапи за „црвено-жолтите“.
„Николов е тука со нас за да видиме за каков играч станува збор бидејќи реално подолго време настапува надвор од Македонија. Процедурата е во завршна фаза, треба да се средат уште неколку детали за да може да се добие зелено светло. Сепак, треба да се запазат и роковите на ФИБА, така што да бидам искрен шансите за негов настап во Романија се многу мали. Како и да е, одлично е што ќе го имаме на тренинг во овие денови“ – истакна селекторот Давитков.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА