И Лапорта потврди: Флик останува тренер на Барселона најмалку уште две години!

Германскиот стратег Ханси Флик ќе остане тренер на Барселона до јуни 2028 година, изјави претседателот на каталонскиот клуб, Жоан Лапорта.

Флик има договор со Барселона до 30 јуни 2027 година, но Лапорта потврди дека ќе биде тренер најмалку уште една година плус.

„Наскоро ќе го објавиме продолжувањето на договорот со Флик. Ќе биде до јуни 2028 година. Секогаш претпочитаме да има уште една година во договорот. Деко ќе биде задолжен за преговорите, а Рафа Јусте ќе го финализира договорот“, рече Лапорта во интервју за Радио Каталуња.

„Би сакал да го имам Флик во текот на целиот мој мандат. Тоа би ја покажало стабилноста на клубот и би докажало дека победуваме. Тој е млад човек со многу енергија кој е среќен во клубот и во градот“, додаде претседателот на Барселона.

Флик ја презеде Барселона во јуни 2024 година и освои четири трофеи со каталонскиот клуб.

Шпанските медиуми објавуваат дека пред еден месец, Флик се договорил со челниците на Барселона за продолжување на соработката, но германскиот тренер побарал оваа информација да не се објавува додека не заврши процесот на селекција во каталонскиот клуб.

Се вчитува...