ЕКИПА на ЕП во Хрватска,
Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски
Македонската репрезентација се уште не знае за триумф на дуелите со Германија, потклекнувајќи пред челичниот германски менталитет и способноста на противникот да ги одигра сите 60 минути. На последниот дуел меѓу Македонија и Германија сведоци бевме на СП во Шпанија во 2013 година, каде противникот славеше со 28-23, а како главна пречка се покажа голманот Хајневетер, кој и годинава е дел од германскиот национален тим.
Сепак, овој шампионат Македонија се фокусира единствено на својата игра и напредокот во сопствените настапи, па нема причина тој тренд да не продолжи и на дуелот со Германците. Конкретно, голем „плус“ за нас во однос на претходните натпревари е искуството што дел од нашите репрезентативци го здобија во последните пет години, настапувајќи токму во Бундес-лигата.
Голманот Борко Ристовски во тој период настапуваше за Гумерсбах, но во меѓувреме македонскиот „министер“ направи неколку чекори напред, извесен период бранеше за германскиот првак Рајн Некар Левен, за од пред една сезона да стане член и на големата Барселона.
Дејан Манасков по распадот на Металург веднаш се пресели во Вецлар, каде блесна покажувајќи го сиот свој потенцијал. Нашето лево крило потоа се врати назад во Германија настапувајќи за Рајн Некар Левен, за сега да биде дел од унгарскиот гигант Веспрем.
Големиот борец Филип Миркуловски без никакви проблеми се адаптираше на Бундес-лигата, по заминувањето од Металург тој стана член на Хановер, по што следеше трансфер во Вецлар, тим чии бои ги брани и сезонава.
Филип Талески како најголем македонски ракометен „бисер“ се пресели во Бундес-лигата, каде дополнително се развива носејќи го дресот на Рајн Некар Левен, па вечерва за противници ќе ги има клупските соиграчи Пекелер и Грецки.
Не смее да се заборави ниту Ацо Јоноски, столбот на македонската одбрана кој настапуваше во првата лига за екипата на Бергишер, за од годинава да потпише договор со третолигашот Ратинген.
Квалитет поседуваме, но сега и неопходно искуство за да се носиме со гигант како Германија. Колку тоа ќе ни биде од корист и дали ќе успееме да стигнеме до позитивен резултат, ќе видиме со почетокот на вечерашниот дуел, чиј старт е закажан за 18.15 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА