И Медфорд на излезна врата од МЗТ Скопје

Лестер Медфорд ќе го следи примерот на останатите тројца странски кошаркари од ланскиот тим на МЗТ Скопје, па во текот на летово ќе си замине од редовите на актуелниот првак на Македонија. Плејмејкерот минатото лето потпиша договор на две сезони и требаше да остане прв плејмејкер на тимот и во наредниот шампионат, но за плата со која ќе биде и убедливо најплатен кошаркар во таборот на МЗТ.

„Сино-белите“ најверојатно ќе имаат помал буџет во однос на претходната сезона, па без премногу размислување се согласиле на разделба откако им било соопштено дека и самиот кошаркар сака да си замине од „Јане Сандански“. Официјализацијата на заминувањето се очекува во следните денови, кога Медфорд ќе го комплетира трансферот во нов клуб.

Само за потсетување, прв од МЗТ Скопје си замина Вудард, кој кариерата ја продолжува во германскиот Бајројт. Иве Иванов се врати назад во Задар, додека Бојиќ вчера го комплетираше транферот во романскиот Волунтари.

МЗТ засега ги потврди договорите со тренерот Ѓорѓи Кочов и со капитенот Дамјан Стојановски. Од тимот си замина и центарот Љубомир Младеновски, а на излезна врата се наоѓа и Андреј Маслинко, кому договорот со „металците“ му е истечен.

Се вчитува...