Управниот Одбот на Македонскиот Олимписки Комитет денеска ја одржа својата 117. седница, на која донесе две значајни одлуки, именувајќи го Перо Антиќ за нов претседател на Олимпискиот Совет на МОК, воедно и го усвои Меморандумот за Автономија и Независност, како „оружје“ за немешање на државата, поточно Агенцијата за Млади и Спорт во работата на МОК.
„Управниот одбор на Македонскиот олимписки комитет донесе Одлука, Перо Антиќ, да биде претседател на Олимпискиот Совет на МОК. Претседателот на Олимпискиот совет е во исто време и член на Управниот одбор на МОК. Претседателот на Олимпискиот совет на МОК ќе работи во насока на развојот и омасовувањето на олимпиското движење во државата, но и ќе делува на планот на популаризација на спортот и олимпизмот во државата“ – информираат од МОК.
Воедно, од куќата на македонскиот олимпизам ја објаснуваат и потребата за потпис на Меморандумот за автономија и независност меѓу олимписките и спортските организации и АМС.
„УО на МОК ја усвои иницијативата на Меѓународниот олимписки комитет и на Меѓународните спортски федерации во кои членуват Националните спортски федерации од државата, да се потпише МЕМОРАНДУМ ЗА ПАРТНЕРСТВО, СОРАБОТКА И ПОЧИТУВАЊЕ НА ОСНОВНИТЕ ПРИНЦИПИ НА АВТОНОМИЈА И НЕЗАВИСНОСТ ПОМЕЃУ ОЛИМПИСКИТЕ И СПОРТСКИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ И АГЕНЦИЈАТА ЗА МЛАДИ И СПОРТ. Овој документ е креиран врз основа на блиската соработка помеѓу ИОК и Организацијата на Обединетите нации (ООН) во која членува и Република Северна Македонија, во рамките на кои ИОК ужива статус на набљудувач, а особено е во согласност со принципите наведени во Резолуцијата A/RES/69/6 на Генералното собрание на Обединетите нации усвоена на 31 октомври 2014 година, со која ООН посебно ја потенцират независноста и автономијата на спортскиот систем. Овој документ е во согласност, поддржан е и е одобрен со многу Одлуки, резолуции и препораки од Обединетите Нации, Европската Унија, Генералното Собрание на Советот на Европа, Европскиот суд на правдата и на другите владини меѓународни институции. УО на МОК предложи да започне комуникација и дискусија помеѓу Македонскиот олимписки комитет и Националните спортски федерации од една страна и Агенцијата за млади и спорт од друга страна која ќе резултира со потпишување на овој Меморандум и негова имплементација во новиот Закон за спорт“ – порачуваат од МОК.
Пораката е јасна – немешање на политиката во спортот, нешто што стана пракса на актуелното раководство на АМС во последно време. Знаејќи ја досегашната пракса, можеме да очекуваме соопштение од Агенцијата за Млади и Спорт.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА