И кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром денеска, покрај македонската ракометна репрезентација, во потрага по својата спортска среќа во Загреб. „Металците“ од 15 часот, гостуваат на Цибона во меч од 16. коло од АБА-лигата во кој домаќинот влегува како голем фаворит додека македонските кошаркари со желба да прикажат добра игра и да се обидат да го изненадат поранешниот европски шампион.
Тренерот Жељко Лукајиќ и на овој меч нема да може да смета на повредениот Дарко Соколов, но тоа нема да биде пречка останатите да го дадат својот максимум и да пробаат да стават крај на низата порази. Сино-белите знаат како се победува во Загреб, нешто што го направија во првиот воопшто меч во друштвото на најдобрите екипи од просторот на поранешна СФР Југославија.
„Пред нас е меч во кој бараме победа за кревање на атмосферата во тимот. И овој пат се соочуваме со проблеми со повредени кошаркари, со оглед што Соколов се уште не е подготвен да ни помогне. Згора на тоа, ростерот и понатаму не ни е докомплетиран со оглед на празнината на плејмејкерската позиција по заминувањето на Павичевиќ. Од друга страна, против себе ќе ја имаме силната Цибона, која има голем број преискусни играчи со долгогодишно искуство во АБА-лигата. На нас е да го дадеме максимумот, да покажеме дека формата е во нагорна линија и да пробаме да го покажеме тоа во Загреб“ – вели Лукајиќ.
Факт е дека присуството, пак, на голем број македонски навивачи во Загреб е шанса добар дел од нив да се појават денеска и на трибините во салата на Цибона за да им дадат поддршка на македонските кошаркари во обидот за позитивен резултат во АБА регионалната лига.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА