И Новаци го откажа тестот со Охрид: „Не сакаме да бидеме дел од мечеви кои го компромитираат фудбалот“

По ФК Арсими, и второлигашот Новаци ја информира јавноста дека го откажува пријателскиот натпревар со Охрид по случувањата на вчерашниот пријателски натпревар на охриѓани со Работнички.

Фудбалската јавност е уште еднаш шокирана по информациите за сомнителни активности на вчерашниот дуел меѓу Работнички и Охрид кој заврши со победа на „романтичарите“ од 8-2, а во кој е инволвиран охридскиот второлигаш.

Пријава за „матни случувања“ на дуелот има и до ФФМ која целокупна документација се очекува да достави и до МВР. Поради сето тоа, од Новаци информираат дека го откажуваат веќе договорениот пријателски натпревар со Охрид.

СООПШТЕНИЕТО ОД ФК НОВАЦИ ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:

Фудбалскиот клуб ФК Новаци ја известува јавноста дека ја откажува пријателската утакмица закажана за 14.02.2026г. против ГФК Охрид, поради сериозни сомнежи поврзани со регуларноста на неодамнешен натпревар одигран од спротивната страна.

Настаните од изминатите денови, како и информациите кои излегоа во јавноста, оставаат простор за оправдана загриженост и ја доведуваат во прашање спортската чесност која треба да биде основа на секој фудбалски натпревар.

ФК Новаци нема намера да биде дел од активности или натпревари кои на било кој начин го компромитираат интегритетот на фудбалот, ниту пак да дава легитимитет на практики што се спротивни на принципите на фер-плеј и спортски морал.

Во интерес на зачувување на угледот на клубот, нашите играчи, навивачи и пошироката фудбалска јавност, сметаме дека откажувањето на оваа пријателска средба е единствено исправна и одговорна одлука.

ФК Новаци ќе продолжи да се залага за чист, чесен и транспарентен фудбал.

Со почит,
ФК Новаци

Се вчитува...